СДСМ повика на воздржаност, насилниците ќе одговараат

Луѓе со фантомки тепаа пратеници откако упаднаа во Собранието

СДСМ во пишано соопштение повикува на максимална воздржаност и присебност од секој граѓанин, независно од каква било различност.

„Режимот нема да ги спречи демократските процеси. Парламентарното мнозинство ќе ја спроведе граѓанската волја за правна и демократска Македонија“, стои во соопштението.

Од СДСМ апелираат на смиреност и никој да не подлегнува на насилните сценарија и провокации за нереди.

„Потребно е секој да биде на ниво на својата одговорност и да придонесе кон смирување на тензиите, затоа што само така ќе се овозможи пат и натамошен развој на демократијата во Македонија којашто е врвен државен интерес“, се наведува во соопштението.

Од СДСМ додаваат дека во периодот што претстои процесите ќе продолжат со конечно реализирање на мнозинската волја на граѓаните.

„Сите оние кои денеска вршеа насилство врз легитимните претставници на граѓаните во Парламентот и врз Законодавниот дом, ќе се соочат со лична кривична одговорност“, се вели во соопштението.