МВР пратиле специјалци по час и половина во Собранието

Лидерот на СДСМ Зоран Заев е повреден откако демонстрантите упаднаа во Собранието на Република Македонија

По час и половина откога граѓаните од протестот што го организира „За заедничка Македонија“ насилно влегоа во Собранието припадниците на специјалната единица на полицијата влегле во Собранието на Република Македонија и до 20:43 часот биле евакуирани 30 пратеници, соопштија вечерва од Министерство за внатрешни работи.

„Денеска околу 18,50 часот граѓаните кои протестираа во организација на граѓанската инцијатива „насилно влегоа во просториите на Собранието на Република Македонија. Во нарушувањето на јавниот ред и мир со повреди се здобиле неколку пратеници во Собранието и неколку цивили. При обидот да бидат спречени во намерата 10-тина полициски службеници се здобиле со повреди при што беа префрлени на скопските клиники“ информираат од МВР.

Во соопштението наведуваат и дека во оперативниот штаб на Министерството за внатрешни работи присутни се сите раководители: министерот за внатрешни работи д-р Агим Нухиу, Директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Митко Чавков, Заменик Директорот на Бирото за јавна безбедност г-дин Бесир Деари, Помошници на министерот, Помошници на директорот како и останатите раководители-членови на Оперативниот штаб.

„Во Оперативниот Штаб 20:08 часот - Директорот на Бирото за јавна безбедност м-р Митко Чавков, издаде наредба на припадниците на специјалната единица да применат овластување и да создадат услови за безбедна евакуација на пратениците и воспоставување на нарушениот јавен ред и мир. Во 20:27 часот припадниците на специјалната единица влегоа во Собранието на Република Македонија и до 20:43 часот евакуирани се 30 пратеници“ наведуваат од МВР.

Од таму додаваат и дека мерки се преземаат и понатаму во Собранието.