ЕУ со правна постапка против Унгарија за Законот за високо образование

Унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Европската комисија започна законска постапка против Унгарија поради Законот за високо образование, што може да доведе до затворање на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, основан од Џорџ Сорос.

Во соопштението од Комисијата, објавено денеска се наведуваат дека Законот, донесен претходно овој месец, не е во согласност со слободите на пазарот и се коси со академската слобода.

„Одлучивме да преземеме правни мерки за Законот за високо образование, со тоа што ќе испратиме формално писмо со известување до Владата на Унгарија, базирано на длабинска правна анализа“, рече заменик-претседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис, на прес-конференција во Брисел.

Унгарскиот закон беше усвоен од парламентот на 4 април и потпишан од страна на претседателот Јанош Адер на 10 април.

Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан има еден месец да одговори на писмото на Комисијата.

А по одговорот, ЕК ќе реши што ќе прави понатаму.