Референдумот во Гевгелија се одвива без проблеми

Гевгеличани денеска на референдум ќеодговорат на прашањето дали се „за“ или „против“ отворање на рудници на злато по најавите дека канадски компании сакаат да добијат дозвола за експлоатација на злато на планината Кожув.

Претседателката на Општинската изборна комисија Гордана Попкочева вели дека гласачкиот матријал е дистрибуиран до сите изборни места, а формирани се и сите избирачки одбори. Утринава во 7 часот беа отворени сите 37 избирачки места.

Право на глас имаат речиси 20 илјади жители, а за да биде успешен референдумот потребна е излезност од 50 проценти плус еден, што значи на референдумот треба да гласааат 9 730 жители. Вчера своето право имаа можност да го остварат 30 затвореници и четири болни лица.

„Референдумското изјаснување почна уште вчера кога гласаа затворениците, болните и старите и изнемоштени лица. Процесот се одвива беспрекорно без никакви проблеми. Во гласачкиот список се запишани 19.459 граѓани со право на глас кои треба да се изјаснат во текот на денот, најдоцна до 19 часот“, изјави Гордана Поп-Кочева, претседател на ОИК Гевгелија.

Референдумот ќе го следат 60 набљудувачи од граѓански здруженија и институции а првичните резултати ќе бидат познати по 20 часот.