Федерална истрага за нападот врз автобусот на Борусија Дортмунд

Германија- автобусот на Борусија Дортмунд по нападот,11.04.2017

Истрагата за вчерашниот напад на автобусот во кој се превезуваа фудбалерите од клубот Борусија Дортмунд е префрлена на федерално ниво, соопшти денеска канцеларијата на германскиот федерален обвинител. Истовремено во медиумите се појавија информации дека нападот би можел да се поврзе со исламските милитанти.

Портпаролката Фрауке Коелер најави дека обвинителството денеска ќе и ги соопшти на јавноста најновите детали за експлозијата од која еден играч е повреден. Федералното обвинителство вообичаено презема важни случаи, вклучувајќи ги и тие за кои постои сомнеж дека имаат терористички мотиви.

Германската полиција испитува можна поврзаност со исламски радикални групи на трите експлозии кои го погодија автобусот на фудбалскиот тим вчера, по писмото најдено на местото на настанот кое се однесува на нападот на божикниот пазар во Берлин. Таканаречената Исламска држава презеде одговорност за нападот во Берлин во декември во кој загинаа 12 луѓе. Во писмото исто така се споменува германското присуство во мисијата на меѓународната коалиција против Исламска држава, според германските медиуми кои цитираат неименувани извори.