ВМРО-ДПМНЕ со манифест за единствена Македонија

Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ денска промовираше манифест за единствена Република Македонија, кој, според Антонио Милошоски од партијата, е документ со смерници, насоки и принципи кои би требало земјата по неколку години да ја водат по еден просперитетен пат како унитарна држава, напредна, економски развиена и сплотена во кохезивно мултиетничко општество.

Дел од темите кои ги акцентира манифестот, како што истакна тој се националното обединување, зачувување на суверенитетот на државата, црвените линии во однос на името, нераскинливоста на македонската дијаспора, македонскиот јазик како обединувачки за сите граѓани со почитување и на останатите јазици кои ги говорат граѓаните, функционирањето на правната држава, одржување попис по европски стандарди, членството во ЕУ и НАТО, како и развој на стабилна економски просперитетна Македонија.

Манифестот предвидува и редовен дијалог меѓу опозицијата и власта во Македонија и изнаоѓање решенија во рамки на институциите, како заштита од надворешни влијанија кои неретко се на штета на државата.