СЈО стравува дека Вангеловски ќе биде пристрасен

Архивска фотографија, прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство.

Специјалното јавно обвинителство денеска побара изземање на претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски од постапување по правниот лек„ Барање за заштита на Законитост“ со кој Основното јавно обвинителство, пак, бара да се преиспита мерката притвот за осомничениот во „Труст“ Сеад Кочан.

Од Врховниот суд не го коментираат ваквото барање и наведуваат дека наскоро ќе биде разгледано.

„Во поглед на барањето за иземање, како што се постапува и по сите поднесоци, ќе биде разгледано и по донесувањето на одлуката ќе биде јавно соопштена,“ велат накусо од кабинетот на претседателот на Врховниот Суд.

Во објаснувањето на барањето, СЈО тврди дека Вангеловски е опфатен во јавно објавените прислушувани разговори и тоа во период кога ја извршувал функцијата претседател на Врховниот суд.

Станува збор за разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски и Вангеловски за предметот „Глобал“. Во преставката е наведено дека овој разговор ја доведува до прашање непристрасност на судијата Јово Вангеловски да постапува по ваков тип на предмети поради постоење на реална опасност од негова претходна заинтересираност за решавање на предметот во определена насока.

Претходно СЈО побара од Врховниот суд повлекување на барањето за заштитата на законитоста во врска со притворот на бизнисменот Сеад Кочан, решение кое беше потврдено и од Апелација.

Инаку Кочан трета недела е недостапен за судските органи, откако против него е отворена и меѓународна потерница. Тој е осомничен во предметот Труст на СЈО за злоупотреба на јавна набавка, односно дека со фалсификувани документи добил тендер од ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.