Адеми: Во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ не беше проблем јазикот, туку СЈО

Собранието на Македонија денеска ја продолжи седницата на која се расправа за избор на Комисијата за избори и наименување, во истиот стил како и вчера. Пратениците главно дебатираат и си реплицираат за актуелната политичка криза во Македонија, како и за преговорите за формирање на новата владина коалиција.

Притоа, пратеникот од ДУИ, Џевад Адеми, инспириран од една дискусија, изјави дека во преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не бил проблем ни јазикот, ниту другите барања на албанците, ниту пак бил проблемот изборот на новиот претседател на Парламентот. Според Адеми, единствен проблем за ВМРО-ДПМНЕ било прашањето за продолжувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство.