Продолжение на собраниската седница побараа 67 пратеници

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СДСМ очекува Вељаноски веднаш да свика седница

СДСМ денеска поднесе иницијатива потпишана од 67 пратеници за продолжување на конститутивната собраниска седница. Претседавачот Трајко Вељаноски нема рок кога треба да ја свика, а од СДСМ побараа тоа да биде веднаш.

Иницијатива за продолжување на конститутивната седница на Собранието потпишаната од 67-те пратеници на СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците денеска поднесе генералниот секретар на социјалдемократите Оливер Спасовски. Иако нема рокови од кога претседавачот со конститутивната седница, досегашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски треба да го свика нејзиното продолжение, Спасовски рече дека очекуваат тоа да биде веднаш.

„Конститутивната седница е започната и за неа нема рок, таа може веднаш да биде свикана и да биде продолжена со работата“, рече Спасовски.

На прашањето кој им е планот ако Вељаноски го кочи свикувањето на седницата тој рече дека очекувал дека досегашниот спикер ќе бил на ниво на задачата и ќе бил на ниво на сопствената одговорност пред граѓаните на државата. Сепак до продолжувањето на седницата прво треба да се свика координација на која би требало да се разговара и за бројот на членовите на Комисијата за избори и именувања.

„Денеска ја поднесуваме оваа иницијатива, очекувам дека претходно ќе се свика координативна средба на пратениците, односно пратеничките групи во Собранието на којашто ќе ги отвориме сите прашања за којшто треба да имаме разговор, договор и на крајот да одиме на продолжување на конститутивна седница“ рече Спасовски.

Во однос на бројот на членовите на Комисијата за избори и именувања може да се јави несогласување бидејќи ВМРО-ДПМНЕ инсистирала на мнозинство и на претседател во Комисијата, односно да има 6 члена, СДСМ да има 5, а ДУИ и Беса по еден. СДСМ пак бараат тие и ВМРО-ДПМНЕ да имаат по пет, ДУИ два а Беса еден. Оваа комисија е важна бидејќи преку неа поминуваат сите избори и именувања на функционерите што ги избира Собранието.

На продолжението на конститутивната седница на Собранието се очекува да биде избран и претседателот на парламентот кој според некои информации ќе биде од редовите на ДУИ. Спасовски денеска не откри детали наведувајќи само дека пред продолжувањето на седницата ќе седнеле сите политички опции да разговараат за можниот кандидат.