Аневски: Јанева да назначи нов обвинител во предметот против Груевски

Архивска фотографија, Специјалната обвинителка Катица Јанева и претседателот на Советот на Јавни обвинители Петар Аневски.

Двете обвинителки од Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева и Фатиме Фетаи го прекршиле етичкиот кодекс. Ова е заклучокот од седница на Советот на јавни обвинители. Претседателот на Советот Петар Аневски денеска изјави дека однесувањето на Јанева и на Фетаи е неприфатливо и е во спротивност со етичкиот кодекс, но не потенцираше како обвинителките ќе бидат санкционирани. Тој додаде дека денешната седница на која требаше да се разгледуваа дали предметот „Сопот“ ќе му биде предаден на СЈО, како и за претставката од МВР за повлекување на обвинението за предметот „Пуч“ е одложена, а заклучокот за однесувањето на обвинителките е од вчерашната седница.

„Двете обвинителки го прекршиле кодексот и наша препорака до нив е да се назначи нов јавен обвинител во конкретниот случај,“ изјави Аневски.

На последното рочиште за обвинението од Специјалното јавно обвинителство против поранешниот премиер Никола Груевски што се одржа на 22 минатиот месец и двете обвинителки влегоа во жестока расправа со судијката во оставка Татјана Михајлова, по што таа двете ги казни по 2.000 евра за непочитување на судот. Следното рочиште за овој случај е на 10 март, еден ден по седницата на Советот.

Според обвинението, Груевски во случајот кој беше обелоденет во една од „бомбите“, е нарачател на насилството, а Јанакиески прифатил преку партиски членови да го спроведе насилството врз градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски и членовите на општинскиот совет. Меѓу останатите 14 обвинети во овој случај се и поранешниот министер Миле Јанакиевски и поранешната советничка во Општина Центар, Даниела Рангелова.