ФБИ бара отфрлање на наводите на Трамп за прислушување

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ФБИ ги отфрла наводите на Трамп дека бил прислушуван

Директорот на Федералното истражно биро Џејмс Коми побарал од Министерството за правда да ги оспори обвинувањата од претседателот Доналд Трамп дека екс-претседателот Барак Обама ги прислушувал неговите телефонски разговори за време на изборната кампања.

Весникот „Њујорк тајмс“, цитирајќи висок претставник на американската администрација, пишува дека Коми побарал Министерството за правда јавно да ги отфрли ваквите наводи од претседателот Трамп.

Имено, како што се додава, обвинувањата биле погрешни и оти мора да бидат корегирани.

До ова дојде откако Белата куќа побара од Конгресот да поведе истрага за тоа дали администрацијата на Обама ги злоупотреблила нејзините „истражни овластувања“ за време на претседателската кампања во 2016 година.

Секретарот за печат на Белата куќа, Шон Спајсер, соопшти дека Белата куќа сака да се спроведе комисиска истрага за „многу загрижувачките извештаи кои се однесуваат на потенцијално политички мотивираната истрага непосредно пред изборите во 2016 година“.

Ден претходно Трамп го обвини неговиот претходник за прислушување на неговата канцеларија во Њујорк, без да понуди никаков доказ за тоа.

Трамп на Твитер наводното прислушувањето го спореди со аферата „Вотергејт“ и со периодот на „макартизмот“, а Обама го нарече „лош тип“.

Директорот на националното разузнавање за време на претседателската кампања Џејмс Клапер демантира дека имало некакво прислушување на Трамп.

„Не можам да зборувам официјално веќе, но јас ќе кажам дека за дел од апаратот за национална безбедност што го надгледував, немаше таква активност за прислушкување против претседателот, избраниот претседател во тоа време, или како кандидат или против неговата кампања“, рече тој.

Сепак, Клапер додаде дека не би знаел да каже дали некои други владини или локални служби го правеле тоа.

Трамп веќе неколку месеци го следат прашања во врска со неговата поврзаност со Русија.

Ситуацијата ја компликува проценката на американските разузнавачки служби дека Русија се вмешала во изборите за да му помогне на Трамп да го победи кандидатот на демократите Хилари Клинтон.

Во меѓувреме, беа откриени и контакти на неколкумина негови блиски соработници со руски официјални претставници.