Членовите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои петти ден по ред протестираат против двојазичноста на целата територија и, како што велат, во одбрана на унитарноста на земјата, денеска ги повикаа и сограѓаните Албанци да се придружат на протестот за да ја одбранат земјата од, како што рекоа, странски влијанија.
Неколку илјади луѓе и попладнево се собраа пред Владата од каде што го започнаа маршот до собраниската зграда.
Тие бараат сите политички партии заедно со граѓаните да изготват платформа за заедничка Македонија и да ги отфрлат платформите како што велат пишувани во туѓи држави, бараат од политичките партии во преговорите да не помислуваат да усвојат владина програма која не би била изгласана од граѓаните на изборите, бараат од партиите, а посебно од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да не допуштат да се гласа во Собранието законот за двојазична Македонија, а од претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов да го почитува Уставот, да не доделува мандат после истекување на рокот кој веќе е истечен.