Руски претставници на иста линија со Трамп за „ловот на вештерки“

Архивска фотографија: Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и портпаролот на претседателот Владимир Путин, Дмитри Песков

Руски претставници ги повторија критиките на американскиот претседател Доналд Трамп околу контроверзните контакти меѓу членови на неговата кампања со руски претставници. Трамп ги нарече овие наводи „лов на вештерки“. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и портпаролот на претседателот Владимир Путин, Дмитри Песков, денеска го искористија истиот термин.

Под зголемени критики и од републикански и од демократски пратеници поради неговите контакти со рускиот амбасадор во САД за време на минатогодишната претседателска кампања, американскиот јавен обвинител Џеф Сешнс вчера објави дека се иззема од каква било истрага поврзана со кампањата.

Трамп подоцна застана во одбрана на Сешнс, нарекувајќи ги барањата од конгресмените за негово повлекување „тотален лов на вештерки“.

Одговарајќи на новинарско прашање, Песков го цитираше Трамп и рече дека нема што да додаде.

Лавров даде сличен коментар. Тој рече дека сево ова наликува на ловот на вештерки од ерата на Мекарти.