Од иницијативата „За заедничка Македонија“ велат дека се згрозени од изјавите на некои политичари и новинари, кои навредливо зборуваат за граѓаните кои ја поддржуваат нивната иницијатива. Тие ги повикаат учесниците на протестите да протестираат мирно и достоинствено, а медиумите да известуваат за протестите професионално.
Борис Дамовски еден од иницијаторите на „За Заедничка Македонија, вели дека очекувале спинови, но не во толку голема мера. Вели дека навредите кон луѓето кои протестираат од понеделникот во Скопје и во градовите низ Македонија се непримерни, безобразни и фашизоидни.
Навредите на луѓето кои протестираат е обид да им се наметне срам на луѓето од сопствениот патриотизам, вели Богдан Илиески од иницијативата „За заедничка Македонија.
„Нема срам од љубовта кон Македонија и нема повлекување“, вели Илиески.
Демонстрантите се застапуваат, како што велат, за зачувување на унитарноста на земјата и се противат, меѓу другото, на воведување на двојазичност на целата територија на државата.
Темата со двојазичноста ги зовре страстите во Македонија, па последните денови се бележат случаи на вербално и на физичко насилство врз новинари, познати личности, но и на малолетници во јавниот превоз.