Поддржувачите на Граѓанската иницијатива за заедничка Македонија на денешниот протест марш кој започна од Владата, а заврши кај Собранието побараа да не се разнебитува државата и го повикаа претседателот Ѓорѓе Иванов да ја заштити нејзината унитарност.
Протестот беше најавен на социјалните мрежи под мотото „Црвената линија ја поминавте. Црвено-жолтата, не“ и таканаречен 4-ти Илинден. На денешната прес-конференција членови на здружението објавија проглас во кој се бара од политичките партии да го почитуваат Уставот на Република Македонија и да се обврзат дека нема да работат на промена на името и суштината на државата. Од политичките партии бараат и да не прифаќаат платформи кои, како што се наведува се создадени за туѓи интереси, во туѓи држави и без изборен легитимитет, чија цел е разнебитување на Македонија. Демонстрантите најавија дека протестите ќе продолжат и утре во истото време.