Хан бара од претседателот Иванов да му го даде мандатот на Заев

Архивска фотографија: Средба на претседателот Ѓорге Иванов и еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје на 17 февруари 2015

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан очекува претседателот Ѓорге Иванов да му го даде мандатот на „кандидатот од партиите што имаат мнозинство во Собранието, согласно Уставот“. Откако ДУИ одлучи да му ги даде потписите за добивање мандат на СДСМ, Хан денеска, во писмена изјава, вели дека промените во демократските општества се природни и треба да бидат прифатени, кога се резултат на веродостојни избори.

„Прифаќањето и почитувањето на изборните резултати и правото на лидерите да се обидат да формираат влада е знак на зрела демократија. Попречувањето и поткопувањето на таквите напори немаат место во демократскиот процес“, пишува Хан.

Тој ги повика сите релевантни фактори, вклучувајќи ги претседателот и Собранието, целосно да се придржуваат до словото и духот на Уставот и на одговорен начин „да овозможат брзо формирање влада која ќе работи на заостанатите реформи“.

СДСМ денеска го одреди партискиот лидер Зоран Заев за мандатар.