СДСМ го предлага Заев за мандатар за состав на нова влада

Архивска фотографија: Централен одбор на СДСМ во 2014

Централниот одбор на СДСМ едногласно го утврди партискиот претседател Зоран Заев за мандатар за состав на новата Влада. Тој доби поддршка и овластување од Централниот одбор да влезе во преговори за владината програма и за новиот владин состав.

ДУИ синоќа одлучи да му ги даде потписите за мандат на СДСМ. Со тоа СДСМ има обезбедено мнозинство, односно 49 нивни пратеници, плус десетте на ДУИ, како и осумте потписи на БЕСА и Алијансата на Албанците, кои најавија дека ќе ги дадат потписите на СДСМ и Зоран Заев како иден мандатар за состав на нова влада.

Претседателот Ѓорге Иванов, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски како мандатар не успеа да формира влада, рече дека ќе го даде мандатот на оној кој ќе обезбеди доказ за мнозинство. Но, Иванов го услови давањето на мандатот со гаранции да зачувување на унитарноста и давање гаранции за реформи во безбедносните структури.

Централното претседателство на ДУИ вчера одлучи да му ди даде потписите на Заев, но одлуката за тоа дали ДУИ ќе биде опозиција или дел од новата влада, ќе ја донесат по добивањето на мандатот.