Ахмети: Документот на СДСМ не содржи атомска бомба

Архивска фотографија,претседателот на ДУИ, Али Ахмети на промоција на изборната платформа на ДУИ, 22.11.2017

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска изјави дека документот кој го добиле од СДСМ не содржи атомска бомба и дека партиското раководство се уште ги разгледува опциите со кого е подобро да коалицираат. Тој на одбележувањето на 16 годишнината од конфликтот во 2001 година, пред новинарите истакна дека нема рок до кога ДУИ треба да донесе одлука за коалција и дека се анализираат сите детали од предлог пакетот на СДСМ.

„Се прават сите анализи во партијата. Ве уверувам дека документот не содржи атомска бомба. За сите детали ќе бидете информирани. Се работи за конкретни прашања за албанските интереси и ние правиме анализи. Мислам дека секоја избрзана реакција и одговор би имале фатални последици“, изјави Ахмети.

Во СДСМ сѐ уште како одговор ги чекаат потписите на ДУИ за парламентарно мнозинство. Не се разговара за конкретни форми на влада, изјави портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

„Во оваа фаза зборуваме за мандат за состав на Влада. Ниту зборуваме за содржина, ниту зборуваме за форма и вид на Владата, и дали ќе се постигне таков договор“, изјави Шилегов.

Воедно, тој потенцираше дека во наредните неколку денови очекува средба со лидерот на Беса Биљал Касами.

Според дел од медиумите на денешниот настан пред споменикот на двоглав орел не се појавила потпретседателската тројка на партијата.