Уапсен осомничениот за новогодишниот напад во Истанбул

Снимка од нападот во ноќниот клуб Реина во Истанбул.

Турската полиција го уапси осомничениот за планирање на нападот во клубот „Реина“ во Истанбул на новогодишната ноќ, кога Узбекистанецот Абдулгадир Машарипов уби 39 лица и рани 69.

Уапсениот, чиј идентитет е означен со иницијалите А.С., е уапсен во операција на полицијата во Истанбул. Тој бил регистриран како жител на Анталија, но имал и француско државјанство, пишува весникот „Стар“, кој се повикува на соопштение на полицијата во градот Бурдур.

Истрагата ги разоткрила неговите траги од договорот за наем на апартман во квартот Есенјорт, каде на 17 јануари беше уапсен Машарипов.

А.С. живеел во Франција од 2009 година. На 10 јануари обвинителството во градот Бурдур почнало истрага против него и врз основа на собраните податоци за врските со Машарипов тој бил уапсен од полицијата во Истанбул.

Исламската држава ја презеде одговорноста за нападот.