ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски прави прескапи забави и боемски улици

ВМРО-ДПМНЕ лого.

Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски ја заборави својата предизборна програма и ветувањата содржани во неа. Во својот мандат безброј пати покажа и докажа дека не му се важни граѓаните и нивните реални потреби и проблеми. Жерновски ги изневери центарци, изјави денеска претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Центар и советник во општина Центар Илија Илијовски.

Тој посочи дека додека Жерновски прави прескапи забави и боемски улици, граѓаните немаат училишта, градинки, реновирани и убави улици, паркинг место каде може да се паркираат.

„Во однос на колективното домување, Жерновски ветуваше дека во станбените згради ќе обезбеди редовен преглед и одржување на лифтовите и ќе набави противпожарни апарати во влезовите и надворешно осветлување, но никогаш од ова ништо не беше исполнето. Ветуваше и оформување општински совет за мал бизнис, формирање бизнис центри, оформување микро бизнис инкубатор“, рече Илијовски.

Жерновски, како што рече, најавуваше и целосно уредување на дворовите за сите градинки, бесплатна чаша млеко или парче овошје за секој ученик. Додаде дека ветил 20 мини чешми низ цела општина, кои никогаш не биле поставени.

„Жерновски е прв во редот на градоначалниците кои не направиле ништо за својата општина и за своите граѓани и единствено ќе биде запамтен по Боемските улици и скапите диџеи. Граѓаните на општина Центар на следните локални избори ќе стават крај на ваквото расипничко однесување и неодговорно работење на Андреј Жерновски“, истакна Илијовски.