Трамп: се гледаме на суд

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Судска блокада на наредбата на Трамп за мигрантите

Американски федерален апелациски суд едногласно ја задржа привремената суспензија на наредбата на претседателот Доналд Трамп за забрана на влез на граѓани од седум претежно муслимански земји, како и на влез на сите бегалци. Трамп оцени дека станува збор за политичка одлука.

Пресудата на апелацијата во Сан Франциско дојде по постапка покрената од државите Минесота и Вашингтон.

Сега конечниот збор, по се изгледа, ќе го има американскиот Врховен суд.

По пресудата Трамп веднаш на Твитер порача:

„Се гледаме на суд. Безбедноста на нашата држава е во прашање“.

На 27 јануари Трамп нареди забрана за влез на граѓани од Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и Јемен во наредните 90 дена и воведе 120 дневна забрана за влез на сите бегалци, со исклучок на оние од Сирија на кои влезот во САД им е забранет на неодредено време.

Неколку денови потоа, американскиот окружен судија Џејмс Робарт ја суспендира наредбата.

Одлуката во Сан Франциско беше донесена од тројца судии, двајца од нив наименувани од поранешните демократски претседатели Џими Картер и Барак Обама, додека третиот од ексрепубликанскиот претседател Џорџ Буш.

И додека Трамп инсистира на тоа дека наредбата е од исклучителна важност за националната безбедност, тројцата судии оценија дека неговата администрација не понуди „никакви докази“ за тоа.

Зборувајќи во Белата куќа, без присуство на камери, по пресудата Трамп рече:

„Тоа е политичка одлука. Ние ќе се видиме со нив на суд и јас со нетрпение очекувам да го сторам тоа“.

Трамп додаде дека станува збор само за одлука, но оти целиот случај ќе го добие, како што рече, „многу лесно“.

Администрацијата на Трамп има 14 дена да поднесе жалба на пресудата.

Неговата извршна наредба предизвика хаос на американските аеродроми, но и протести со критики дека таа го крши со Устав загаранитираното право против верската дискриминација.

Пресудата донесена во Сан Франциско само ја задржува во сила забраната на наредбата на Трамп што претходно ја донесе судијата Робарт, но не го решава и спорот за што процесот продолжува и натаму.

Како и да е, според оценките на американските медиуми, оваа одлука претставува голем удар за антиимиграциската политика на новата американска админситрација.