Балканска алтернатива на договорот ЕУ-Турција за мигрантите

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Зацврстување на блокадата на Балканската мигратска рута

Петнаесет земји од Централна и Југоисточна Европа се согласија да подготват планови до крајот на април годинава за поблиска воена и цивилна соработка во заштитата на нивните граници. Ова е во случај да пропадне сегашниот договор меѓу Европската унија и Турција за задржување на мигрантите и бегалците.

Договорот меѓу Брисел и Анкара постигнат пред една година, значително го намали бројот на мигранти кои влегуваат во Европската унија од Турција преку Грција и земјите од Западен Балкан.

Во последно време Анкара почна да се заканува дека ќе престане да соработува доколку се влошат нејзините односи со Европската унија.

Министрите за внатрешни работи и за одбрана од 15 земји кои главно се од таканаречената Балканска мигрантска рута во Виена потпишаа заедничка декларација за потесна соработка во случај на нов мигрантски бран.

Заменик министерот за одбрана на Чешка Јакуб Ландовски по состанокот рече:

„Имаме одлична можност да подготвиме нешто што навистина ни е неопходно. Станува збор за план Б во случај да не успее договорот меѓу Европската унија и Турција“.

Европската мигрантска криза кога над милион луѓе, повеќето од Сирија, Ирак и од другите конфликтни зони, избувна во 2015 година и предизвика поделби меѓу членките на Унијата.

Многу од оние што учествуваа на состанокот во Виена ги отфрлија барањата од Брисел и Берлин за делење на товарот од кризата, односно за квотите за разместување на барателите на азил.

Ханс Петер Доскоцил, министер за одбрана на Австрија, земја која го презеде раководството на регионалниот одговор на мигрантската криза со запечатување на границите вели дека Унијата треба да го следи ваквиот пристап.

„Многу сум сигурен дека ова би можело да биде модел за европската унија и мислам дека Унијата би требало да го следи нашиот пример“.

Договорот меѓу Европската унија и Турција предвидува запирање и размена на мигранти во замена за безвизен режим за турските граѓани за влез во Унијата и забрзани преговори за зачленување на Турција во ЕУ.

Меѓутоа, масовните апсења што следуваа по неуспешниот државен удар доведоа до зголемени европски критики за почитувањето на човековите права и за состојбата со демократијата во Турција.