ВМРО-ДПМНЕ: Не е точно дека со ДУИ не се согласивме поради СЈО

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Се соочуваме со политичка криза и зад нас како држава е еден тежок период во кој се случија работи кои очигледно долго се подготвувале со одредена помош на надворешни центри, што патем речено и беше директно отворено соопштено од Зоран Заев на средбите кои во предвечерието на кризата ги имаше со Никола Груевски. Ова се наведува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ за средбата на партискиот претседател со амбасадорката на Република Турција Еркал Кара, на како што пишува, нејзино барање. На состанокот пишува ВМРО-ДПМНЕ на амбасадорката и било посочено дека СЈО треба да ја работи својата работа професионално, а не како марионета на СДСМ и други надворешни центри и согласно договорот од јуни/јули 2015та, без негово менување, вклучувајќи и без негово продолжување.

„При тоа беше нагласено дека не е точно дека тоа беше причината за непостигнување на договор за коалицирање на ДУИ, иако очигледно е дека на ДУИ и одговара така да ја претстави работата. Во реалноста всушност освен што на почетокот се констатира дека по ова прашање имаме различни позиции, над 95 отсто од времето за разговори беше посветено на дебата околу барањето на ДУИ за измени на законот за употреба на јазиците, каде беа и главните разлики“ се наведува во партиското соопштение.

Во него пишува и дека во разговорите со ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ била изрично против воведување на двојазичност на целата територија, а покажале интерес да се води дискусија за одредени идеи за унапредувања на законот за употреба на јазиците.

Според партијата, платформата на албанските партии е всушност обид за репреговарање на Рамковниот договор, а за да не се донесе земјата во уште по сложена ситуација ВМРО-ДПМНЕ во разговорите со ДУИ одбила да преговара за истата платформа.

„Амбасадорката запраша дали новите предвремени избори ќе дадат соодветен резултат за надминување на постојната состојба на што Груевски посочи дека на нив гледа како шанса за државата, во спротивно алтернативата е континуирано кризирање. Подобро е да ја добиеме можноста и шансата, отколку да кризираме во континуитет беше одговорот на ВМРО-ДПМНЕ. Подобро да се потрошат нови два месеци за нови избори, отколку нови шест месеци, или година заглавени во политичка криза“ пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Се е можно, одговориле од партијата и на забелешката на амбасадорката дека се дека се зборува за можноста за коалицирање на СДСМ со другите партии.

„Но тоа ќе значи трајно напуштање на воспоставениот принцип победникот кај Македонците да коалицира со победникот кај албанските партии и гласачи. Напуштањето на тој принцип би бил иверзибилен процес, процес на кој ќе му нема враќање назад“,се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.