Бесплатен јавен превоз до намалување на аерозагадувањето

Илустративна фотографија. Автобуси на ЈСП.

Градот Скопје од утре воведува бесплатен јавен превоз во сите автобуси на ЈСП Скопје и кај приватните превозници за сите граѓани на територија на Скопје се до моментот на намалување на аерозагадувањето, соопшти на денешната прес-конференција градоначалникот Коце Трајановски.

Превозот ќе биде бесплатен се додека нивото на аерозагадувањето не се намали до дозволеното ниво.

Град Скопје заедно со општините ќе ја интензивира контролата на градилиштата и ЈП „Комунална хигиена“ ќе продолжи со интензивно миење на градските улици и булевари.

Овие мерки и препораките кои ги донесе Трајановски се во согласност со Законот за намалување на амбиенталниот воздух и во насока на намалување на загадувањето на воздухот, а се во согласност со ингеренциите што ги има како градоначалник на Град Скопје.

Трајановски апелира до вработените во Град Скопје да доаѓаат на работа со автобус, и додаде оти службените возила ќе ги користат исклучиво градскиот инспекторат.

„Доколку дозволат временските услови Град Скопје ќе продолжи да ги прска градските улици со средството калциум магнезиум ацетат“, рече Трајановски и додаде дека за тоа имаат доволен број возила и средства.

Според него, согласно постојните закони не може да се воведе мерката пар-непар. Трајановски апелираше до министерствата да се измени Законот, со што ќе се овозможи воведување на оваа мерка во Град Скопје.