Руско МНР: Кризата во Македонија се продлабочува

Архивска фотографија - Претседателот Ѓорге Иванов и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Русија констатира сериозно продлабочување на политичката криза во Македонија и силно надворешно влијание, се наведува во денешната реакција на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација во врска со ситуацијата во земјата, пренесе руската агенција ТАСС.

Оттаму додаваат изборите што се одржаа на 11 декември 2016 година не придонесоа за решавање на ситуацијата.

Руското МНР наведува дека длабокото надворешно мешање врз политичките сили во Македонија продолжува под псевдодемократски слогани, а целта, според руското МНР е Западот да расчисти со македонските политичари кои не му се омилени и покрај јасно изразената волја на граѓаните на изборите во полза на коалицијата „За подобра Македонија“ на чело со Никола Груевски и ДУИ на Али Ахмети.

Во реакцијата се наведува дека „бесрамното макијавелистичко манипулирање со волјата на гласачите може да предизвика ескалација на состојбата во Македонија и да ја наруши кревката стабилност во целиот регион“.