Иванов – Прво доказ за мнозинство, па потоа мандат за состав на влада

Архивска фотографија: Годишно обраќање на Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов

Мандат за состав на нова влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието, рече вечерва претседателот Ѓорге Иванов по целодневните консултации со политички партии кои обезбедија места во парламентот. Прво потврда и доказ за мнозинство, па потоа мандат за составување на влада во согласност со член 90 од Уставот на Македонија, рече Иванов.

„Од оние што ќе ја составуваат новата влада барам во својата програма да имаат два клучни приоритети – прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата и второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија“, рече Иванов.

Тој рече дека ако никој не направи мнозинство, сите опции остануваат отворени и повтори дека ќе постапува исклучиво во интерес на државата на и на граѓаните на Република Македонија.

Иванов рече дека освен политичката веќе имаме нешто што се повеќе наликува на уставна и институционална криза.

Тој денеска се сретна со лидерите на Беса, Алијансата за Албанците, ДУИ, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. ДПА биле поканети, но не дојдоа.