Прво доказ за мнозинство, па потоа мандат за СДСМ

Средба на претседателот Ѓорге Иванов со лидерот на СДСМ Зоран Заев

Претседателот Ѓорге Иванов не може да му го даде мандатот за формирање влада на СДСМ, додека партијата не достави доказ дека има обезбдено 61 пратеници за мнозинство во парламентот. Ова по денешната двочасовна средба со Иванов го изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. На средбата присуствуваа и заменик претседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска и партискиот секретар Оливер Спасовски.

„Сега ќе разговараме во партијата со оглед на новонастанатата ситуација“, рече Заев по средбата.

Тој нагласи дека сè уште е оптимист дека е можно да формира влада.

Претседателот Иванов во моментов се среќава со претставниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој претходно поединечно се сретна и со претставниците на Беса, Алијансата за Албанците и на ДУИ.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата рече дека сите опции за формирање нова влада се отворени. Тој порача дека сите треба да придонесат за излез од кризата и изнаоѓање одржливо решение за иднината и стабилноста на државата. Тој нагласи дека на средбата со Иванов станало збор и за политичката ситуација во регионот и пошироко.

Прашан како ќе се однесува ДУИ деновиве, бидејќи кај нив е клучот за парламентарното мнозинство, Ахмети посочи клучот сега е префрлен кај претседателот Иванов.