Препорака до граѓаните да се менуваат лозинките

Лого се прикажува на екран на паметен телефон

Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) информираше дека вчера и денеска примила барања од Машинскиот факултет, како и од повеќе физички лица кои се сомневаат дека нивните лични податоци се злоупотребени, да се изврши инспекциски надзор за утврдување на повреда на правото за заштита на личните податоци.

Дирекцијата за заштита на личните податоци им препорачува на граѓаните да ги променат лозинките, често да ги менуваат, да се обезбедат дополнителна заштита и доколку забележат дека има злоупотреби да пријават во ДЗЛП.

Во однос на лозинките, ДЗЛП препорачува граѓаните веднаш да ја променат лозинката што ја користат на личните и професионалните и-мејлови, друштвените мрежи, Skype и други сервиси.

Лични податоци на скоро пет илјади студенти од државните и приватните факултети низ земјава деновиве протекоа на интернет.

Податоци со број на индекс, адреса на живеење, град, телефонски број, меил и лозинка на факултетската електронска пошта, беа објавени пред два дена преку официјалниот меил на Машинскиот факултет.