ДУИ бара рационални, а не емотивни проценки

Архивска фотографија- претседателот на ДУИ Али Ахмети

Употребата на албанскиот јазик во согласност со Охридскиот договор и Уставот, еднакво со македонскиот јазик, го прави општеството посилно, пообединето и постабилно заокружувајќи ги тој начин нормативните обврски од Охридскиот договор, реагираат од ДУИ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

"Владеењето на правото во земјата е обврска на сите политички партии и претставува предуслов за продолжување на евроатлантскиот пат. Реформите во судството, транспарентноста и ревидирањето на спорните судски процеси се неопходна обврска за враќање на довербата на граѓаните кон системот" наведуваат од ДУИ.

Од почетокот на политичката криза во земјата, Демократската Унија за Интеграција инсистираше на транспаренто затворање на процесот преку целосно обелоденување на скандалот со масовното и незаконско прислушување и преземање на одговорност, пишуваат од партијата на Ахмети.

"ДУИ останува посветена за едно кохезивно општество, еднакво и интегрирано во евроатлантската заедница и ги повикува страните да делуваат со историска одговорност кон процесите со кои се соочува земјата и регионот при што треба да прават рационални, а не емотивно поттикнати проценки" пишуваат од ДУИ.

Претходно, ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение објави дека не се согласува, нема да преговара и нема да дозволи промена на Уставот со цел двојазичност на целата територија и продолжување на мандатот на СЈО.

Соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, пак, следуваше откако ДУИ синоќа по седницата на централното претседателство соопшти дека рамноправна употреба на службениот албански јазик, интеграцијата во НАТО и во ЕУ и продолжување на мандатот на СЈО се целите кои како услови не можат да бидат предмет на преговарање.