Уапсени двајца грчки новинари по тужба на Панос Каменос

Грчкиот министер за одбрана и лидер на Независни Грци, Панос Каменос

Двајца новинари од грчкиот неделник и радио станица „Параполитика“ се уапсени под обвинение за клевета против грчкиот министер за одбрана и лидер на Независни Грци, Панос Каменос. Издавачот на весникот Јанис Куртакис и главниот уредник Панајотис Ѕенос треба да одговараат пред обвинител откако вчера беа уапсени по тужба од Каменос за клевета против него и неговото семејство и обид за изнудување.

Ѕенос беше уапсен во канцелариите на весникот во присуство на 15 полицајци, што предизвика бура од коментари и реакции за односот на владата кон слободата на медиумите.

Каменос ги тужи дека наводно го нападнале со коментари за неговото малолетно дете за време на радио емисија на станицата и ширеле лажни информации дека неговиот син е анархист и поврзан со уапсената терористка Пола Рупа. Двајцата новинари, пак, го обвинуваат за обид за заплашување на новинарите.

Апсењето на новинарите го осудија сите грчки опозициски партии и синдикатот на новинарите ЕСИЕА, кој изрази голема загриженост од упадот на полициски припадници во новинарска организација и побара почитување на слободата на печатот.