Дополнителни американски сили и опрема во Европа

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

САД распоредуваат сили во Европа

Американската армија вети зголемување на опсегот и комплексноста на вежбите во Европа со цел одвраќање на руската агресија. До ова доаѓа откако американски тенкови, камиони и друга опрема во неделата пристигнаа во Германија.

Станува збор за прво поголемо засилување на источното крило на НАТО. Заменик командантот на американските сили во Европа генерал полковник Тим Реј вели:

„Овие сили тука беа директен одговор на дестабилизирачките напори на руската влада во Украина“.

Тој за време на пристигнувањето на воената опрема во северното германско пристаниште Бремерхавен ја истакна американската цврста посветност на Европа.

Во пристаништето деновиве пристигнаа околу 2 илјади и 800 парчиња воена опрема која ќе биде користена од скоро 4 илјади американски војници во вежбите планирани во членките на НАТО кои граничат со Русија.

Американското и НАТО засилувањето во источна Европа доаѓа неколку денови откако американските разузнавачки агенции го обвинија рускиот претседател Владимир Путин дека ги наредил напорите да им се помогне на изборните шанси на републиканецот Доналд Трамп со дискредитирање на демократот Хилари Клинтон за време на претседателската кампања во минатата година.

Генерал полковник Реј изјави дека во Европа околу 70 илјади американски војници се адаптираат на брзото менување на стратегиските предизвици како руските воени операции во Украина, мигрантскиот бран од Сирија и исламскиот радикализам, односно нападите како оној во Берин кога во декември загинаа 12 луѓе.

Американските сили и НАТО ја зголемуваат нивната способност за брз одговор на заканите со пресраспоредување на опремата во Европа.

„Направивме голема работа во изминатите две години во инвестирање и тоа годинава ќе надмине три милијарди долари. Ќе бидат вклучени повеќе операции на море, воздух и копно, како и сили кои ќе ротираат“, вели генерал полковник Тим Реј.

Најновото пристигнување на тенковите и камионите е само еден дел од големите сили во кои ќе биде вклучена и опрема за сајбер просторот и вслената.

Кон крајот на јануари ќе биде одржана првата голема воена вежба во која ќе учествуваат американски и полски војници.