Скопјани највеселата ноќ ја пречекаа на скверот „Јадран“ во организација на општина Центар. Забавата наречена „Град во градот 4“ почна во 22 часот, а на бината се појавија легендарните хип-хоп артисти од САФ, бендот „Филм“ на Јура Стублиќ и „Забрането пушење“.
На плоштадот „Македонија“ годинава немаше организиран пречек за граѓаните бидејќи Град Скопје ја откажа традиционалната новогодишна прослава.
За најмладите, претходно беа организирани театарски претстави, фотографирање со Дедо Мраз и забава со детски песни.
Само неколку стотини граѓани на Охрид и туристи, и покрај студеното време ја дочекаа Новата година на градскиот плоштад, каде што за нивното расположение се погрижија охридските естрадни уметници Елена Велевска и Ѓоко Танески, а беше организиран и голем огномет над Охридското Езеро.
Со традиционална забава до раните утрински часови беше во угостителските објекти и во хотелите, кои беа исполнети речиси до последното место. И оваа година најбројни се гостите од соседните држави, најмногу од Бугарија, Србија и од Црна Гора.
Првиот ден од Новата година, Охрид го дочека во сонце што ќе придонесе за уште подобро празнично расположение на сите гости за време на нивниот престој.
Од аспект на безбедноста, новогодишната ноќ помина мирно.