ОН: Историска шанса за обединување на Кипар во 2017

Кипар - поделениот појас чуван од мисијата на ОН. Октомври 2015.

Специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите Нации за Кипар, Еспен Барт Ејде смета дека етнички поделениот остров има историска шанса за обединување во 2017 година.

Според него, средбата меѓу лидерите на двете кипраски заедници во Женева, закажана за 10 дена ќе биде клучна за постигнување мировен договор.

Ејде вели дека кипарскиот претседател Никос Анастасијадис и лидерот на кипарските Турци, Мустафа Акинџи, покажале политичка волја за ставање крај на конфликтот.

„Тие признаваат дека статусот кво е неприфатлив и неодржлив и дека постојните преговори претставуваат најдобрата можност за решение. Постигнувањето договор ќе донесе реална политичка и економска полза како за Кипранците, така и за целиот регион“, стои во статијата.

Кипар е поделен од 1974 година, кога северниот дел од островот беше окупиран од Турција како одговор на државниот удар на група кипарски Грци, кои се залага за присоединување на Кипар кон Грција.