ДИК: По прегласувањето во Теарце нема промени во мандатите

Државната изборна комисија

Државната изборна комисија на полноќ ги соопшти првичните резултати од прегласувањето на избирачкото место 2011 во Теарце, според кои, нема промена во освоените пратенички мандати во шестата изборна единица. Како што информира на прес-конференцијата претседателот на ДИК Александар Чичаковски бројот на пратенички мандати на предвремените парламентарни избори останува непроменет, ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеник, СДСМ 49, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијансата за Албанците 3 и ДПА 2. Чичаковски соопшти дека доколку нема приговори за прегласувањето сите избрани пратеници до 28 декември ќе ги добијат уверенијата. „ДИК за изборните единции каде што резултатите од изборите се конечни ќе ги издаде уверенијата најдоцна до среда, на 28 декември. Евентуално ако немаме приговори и во однос на прегласувањето на истиот ден ќе бидат издадени и уверенијата за ИЕ 6, освен за двата пратеника за кои влијае распределбата на мандатите доколку има приговор за нив“, истакна претседателот на ДИК. Тој додаде дека прегласувањето поминало мирно и во фер атмосфера. На прегласувањето на избирачкото место 2011 во Теарце од запишани 714 гласачи во Избирачкиот список гласале 402, односно излезеноста е 56,30 проценти. Според податоците на Државната изборна комисија, за Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ гласале 149 граѓани, за СДСМ и Коалицијата 245, ДУИ, ДПА и Алијансата за Албанците освоиле по 1 глас, а ВМРО за Македонија 2 гласа. Коалиција за промени и правда, БЕСА и ПДП не освоиле ниту еден глас.