Трамп го поддржа Нетанјаху во барањето вето од САД

Архивска фотографија- Избраниот претседател на САД Доналд Трамп

Избраниот американски претседател Доналд Трамп го поддржа повикот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху Вашингтон да стави вето на нацрт-резолуцијата на ОН со која се бара Израел да престане со какви било активности на територијата која Палестинците ја бараат за своја држава. Трамп на социјалните медиуми напиша дека на резолуцијата за Израел која што ќе се разгледува на Советот за безбедност на ОН треба да и се стави вето.

Објавата на Трамп следува неколку часа откако Нетанјаху побара американско вето преку социјалната мрежа Твитер. Египет вчера пушти нацрт резолуција во која се бара Израел „итно и целосно да престане со своите активности во окупираните палестински територии, вклучително и во источен Ерусалим“. Петнаесетте земји-членки на Советот за безбедност вечерва во европско време треба да гласаат за резолуцијата. Палестинците го сметаат источен Ерусалим за главен град на која било идна палестинска држава.