Обвинителство - Претрес, а не апсење на кумановскиот началник

Граѓани пред домот на началникот на СВР Куманово Стојанче Величковиќ каде специјалци вршат претрес.

Предмети со податоци во писмена и во електронска форма биле одземени од домот на началникот на СВР Куманово Стојанче Величковиќ. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска соопшти дека вчера извршиле претрес, но негираат дека цел на акцијата била и апсење на началникот. Според Обвинителството целта на претресот била пронаоѓање траги на кривично дело или предмети важни за кривичната постапка и нивно одземање. Претресот е извршен по сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Злоупотреба на службената положба и овластување, како и други кривични дела за кои се гони по службена должност, но не прецизираат за какви злоупотреби се работи.

Наредбата за претрес ја издал судија на претходна постапка од кривичниот суд.


Откако специјалци синоќа дојдоа во домот на началникот на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ, да вршат претрес, пред неговиот дом се собраа група граѓани, меѓу кои и поддржувачи од СДСМ за да спречат, како што велат, апсење на началникот. Инаку Величковиќ на функцијата е поставен од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Величковиќ обраќајки им се на неговите поддржувачи рече дека од него барале некои списи кои се наоѓале во неговата чанта, му го прегледувале тефтерот и обвини дека сакаат само да го заплашат.