Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека санкциите врз Русија поради нејзината улога во конфликтот во Украина се пречка за преговори за мировен договор со Јапонија. Односите меѓу Токио и Москва со децении се оптоварени поради спорот за група острови кои советските војници ги зазедоа на крајот на Втората светска војна. Русија ги вика островите Јужни Курили, додека Јапонија ги нарекува Северн ите Територии. Спорот ги спречува двете земји да потпишат мировен договор за ставање крај на војната.
Путин на 15 декември заминува во Јапонија, каде што со премиерот Шинзо Абе треба да разговара за територијалниот спор и за економската соработка. Во интервју за јапонските медиуми кое беше објавено на интернет страницата на Кремљ денеска, Путин вели дека Москва и Токио мора да се согласат со условите од мировниот договор врз база на доверба, додавајќи дека големи заеднички економски активности може да помогнат за тоа, но оти санкциите се сериозна пречка.
Јапонскиот министер за трговија Хирошиге Секо отфрли какви било економски договори кои ќе го поткопаат единството на групата Г7 во врска со санкциите врз Русија.