МВР бележи изборни нерегуларности

Првиот човек на Бирото за безбедност Митко Чавков.

Министерството за внатрешни работи на прес конференција ги изнесе забележаните нерегуларности на изборниот ден.

Во село во Демир Хисар две лица делеле пари, изготвена е службена белешка со лицето. Во Валандово гласач го фотографирал ливчето. Во полициска станица Чаир е приведено лице кое пишувало графити „гласај за ДУИ“. Добиено е телефонско известување дека во Охрид е пријавено агитирање, полицијата се уште го расчистува случајот. Во Струга човек под дејство на алкохол се претставил како набљудувач и не дозволил гласачи да гласаат. Лицето е приведено и ќе биде задржано до негово отрезнување. Во Шуто Оризари лица превезувале гласачи и агитирале. Во Дебар лице пријавило дека друго лице му се јавило и му барало да гласа за одредена политичка партија. Во Скопје на пазарот во Ѓорче Петров имало агитирање. Во Драчево биле превезувани гласачи, а можен е и случај на поткуп.

Првиот човек на Бирото за безбедност Митко Чавков рече дека за безбедносниот аспект на изборниот процес полиција соодветно е поставена на терен и сите случаи соодветно се евидентираат. Тој потенцира дека се направени темелни анализи од сите претходни изборни процеси.

„Во тој контекст главната цел беше да се обезбеди стабилна безбедност за изборниот процес и за превенирање на нерегуларностите. Имаме стабилна јавна безбедност и овие случаи се изолирани. Полицијата ќе реагира на дополнителни нерегуларности“, рече Чавков.