Трамп на чело на ЦИА ќе го стави сенаторот Помпео?

Републиканскиот сенатор од Канзас, Мајк Помпео.

Новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп наводно му ја понудил директорската позиција во ЦИА на конзервативниот републикански сенатор од Канзас, Мајк Помпео. Новинските агенции ја објавија оваа информација денеска, повикувајќи се на неименуван претставник од тимот на Трамп, според кого Помпео ја прифатил функцијата. Помпео е член на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом и играше активна улога во парламентарната истрага за нападот врз американскиот конзулат во Бенгази, Либија, во 2012 година. Тој исто така е и отворен критичар на меѓународниот договор со Иран, според кој беа укинати меѓународните санкции во замена за ограничување на нуклеарната програма на Техеран. Во април 2014 година, Помпео беше во посета на Украина за да изрази поддршка. Тогаш рече дека целта на Путин е „да ја контролира Украина“. Трамп исто така наводно му понудил на конзервативниот републикански сенатор Џеф Сешнс од Алабама да биде нов јавен обвинител. Сешнс, кој беше првиот сенатор што го поддржа Трамп за време на кампањата, порано бил главен обвинител во Алабама. Претходно денеска Трамп го именуваше поранешниот шеф на военото разузнавање Мајкл Флин за негов советник за национална безбедност.