Поповска - Живеам номадски живот

Александра Поповска на проба за фестивалот „Биг-бенг“.

Македонската уметница Александра Поповска, авторка е на годинешната програма „Номад“ на фестивалот „Биг-бенг“ што се одржува во белгискиот град Гент. Проектот со успех беше претставен на 13 ноември и замислен е како перформанс базиран на интеракцијата помеѓу композиторката и децата од емигрантски семејства во градот во кој се одржува фестивалот.

Александра Поповска, за оние кои барем малку ја познаваат, не е само ангелскиот глас од квартетот на професор Драган Даутовски. Таа е уметница која поодамна работи на развојот на своите вонсериски вокални можности, но и композиторка чии современи творби полека си го пробиваат патот во океанот наречен „нова европска музика“.

Од таму, и колку да радува мнозина и нималку не изненадува информацијата дека Поповска е авторка на годинешната програма „Номад“ на фестивалот „Биг-бенг“ што се одржува во белгискиот град Гент и кој неодамна, во конкуренција од 730 манифестации од повеќе од 30 земји, беше прогласен за најдобро европско случување фокусирано на младата публика.

Проектот со успех беше претставен во неделата на 13 ноември и замислен е како перформанс базиран на интеракцијата помеѓу композиторката и децата од емигрантски семејства во градот во кој се одржува фестивалот.

Александра Поповска.

Инаку, коренот на нештата е во нејзината повеќе од петгодишна соработка со Ваутер ван Лоој, еден од основачите на фестивалот „Биг-бенг“ и уметнички директор на „Мјузик транспарент“, еден од најголемите театари за работа со млади луѓе. Практично, по првата средба на циклусот „Песни низ вековите“ и потем неколкуте соработки во „Музичка соба“( каде била автор и вокален изведувач на пократки форми), Александра едноставно добила покана да се вкучи во проектот „Номад“, во кој годиниве наназад се изредиле бројни познати уметници од различни земји - величини како Мередит Монк, Ива Битова, Фил Минтон, Пол Грифитс и други.

Ова, од своја страна, подразбирало да подготви поголемо дело ( најмалку 30-на минути музика) коешто потем ќе биде изведувано со штитениците на центарот Ледеберг од Гент, центар кој работи и им дава шанса на децата од загрозени семејства и оние со емигрантско потекло да креираат музика.

„Ова беше како една светла точка во ова невреме во кое што живееме, кадешто расизмот се чувствува на секој чекор, кадешто радикални работи се случуваат на политичката сцена скоро во секоја земја. Она што мене ми беше предизвик е всушност и некое мое животно мото – Да се поврземе е многу поважно отколку да размислуваме што не разделува. По што сите сме посебни и дали ќе се удираме силно во гради дали сме од оваа нација или од оваа раса“, вели Поповска.

Таа дополнува дека ова била преубава можност за поврзување. Дека имало музичари и возрасни и деца од Турција, Бугарија, Грција, Иран, Сирија, Унгарија, Белгија, Франција, Холандија... и никој немал проблем со тоа од каде е и што ќе пее песни на македонски јазик. Дури во случајов музиката што таа ја носи во гените ја има токму мисијата да спојува. Впрочем, не случајно, ќе рече дека такви биле и коментарите по одржувањето на концертот.

„И јас сум дете од македонско емигрантско семејство коешто пораснало во Србија. Можеби тука моето семејство одиграло голема улога пренесувајќи ми ја љубовта кон македонската музика, така да во таа смисла мислев дека и во овој проект „Номад“ лесно ќе можам да се пронајдам. Јас практично и живеам еден таков номадски живот на релација Македонија, Србија, Холандија...патувања ваму-таму.“

Веќе е извесно дека по Белгија, „Номад“, во оваа или во некоја „локална форма“, ќе биде претставен и на изданијата на „Биг-бенг“ во Атина, Лисабон, во Лил во Франција, Хелсинки... , а кога сме веќе кај активностите на Поповска да спомнеме и тоа дека таа во текот на минатата недела таа завршила уште еден интересен проект – музика за немите филмови на Октавијан Милетиќ, еден од пионерите на хрватската кинематографија, којашто била претставена на фестивалот „Мојот источен сосед“ што се одржал во Ден Хаг во Холандија.

„Во моментов работам музика со мали деца – од нула до четиригодишна возраст, еден вид за мене нова педагошка вселена и се обидувам да балансирам помеѓу неколку сфери на моето дејствување – една е педагогијата, другата настапите и третата е истражувањето во врска со можностите на гласот во различни контексти.“

Алесандра Поповска е родена и израсната во Лебане, соседна Србија. Музичка академија има завршено во Скопје, а специјалистички студии во Холандија кадешто сега живее. Во светот на музиката влезе на голема врата како пејачка во квартетот на професорот и мултиинструменталист Драган Даутовски, а во текот на изминативе неколку години како солист учествуваше и на неколку навистина интересни проекти на фестивалите низ Европа.

Нејзините потраги почиваат на интересот за балканската вокална традиција, западната авангарда и експерименталната звуковност. Притоа таа со леснотија плива во различните жанрови, а незините изведби се бележити и во бројните театарски претстави, документарните филмови, како и во современите музички форми – аудио-визуелните инсталации, музичкиот театар, експериментите со електронскиот звук и слично.

И, тоа не е сè бидејќи Александра Поповска како визуелно уметница досега многупати има учествувано на низа фестивали и изложби на Стариот континент, на кои се претставувала со своите слики, цртежи, дигитални принтови, фотографии и инсталации. Сепак, како таква, никогаш не сме ја виделе овде дома.

„Идејата за една таква изложба во Македонија ми е долги години во главата. Работниот наслов на тој проект ми е „Холандски денови“, но никако да седнам и да го заокружам. Дефинитивно ќе ми треба некој кустос што ќе ми помогне во изборот затоа што формите се најразлични, од големи слики во акрил до дигитални фотографии и мали објекти, звучни инсталации...Треба да седнам и со нечија помош да се решам – што, кога, зошто...и да ги прочепкам архивите. Стално тој проект го одложувам. А можеби не треба да чекам покана, туку само да се решам и да започнам со развивање на еден таков концепт.“