Честитки од Балканот за победата на Трамп

Избраниот американски претседател Доналд Трамп зборува на Менхетен, Њујорк, 09.11.2016

Грчката влада ги демантира шпекулациите дека изборот на Доналд Трамп за претседател на САД ќе ја смени надворешната политика на Вашингтон кон Грција и претходно дадената поддршка за олеснување на долгот, јавува МИА.

„Значењето кое САД и го дава на Грција не е променето“, ја цитират грчките медиуми изјавата на владин извор. И портпаролот на најголемата грчка опозициска партија Нова демократија Јоргос Кумуцакос рече дека победата на Трамп нема да влијае врз односите на Грција со САД.

И премиерот на Албанија Еди Рама му честиташе на Трамп победа на американските избори за претседател, но, како што пишува МИА, изразил и жалење што „големиот пријател на Албанија и Америка, Хилари Клинтон не успеала“.

„Американскиот народ денеска го направи својот избор. Големиот пријател на Албанија, Косово и сите Албанци, Хилари Клинтон не успеа да стане прва претседателка во историјата на САД“, напиша Рама.

Премиерот на Србија Александар Вучиќ во честитката изрази надеж дека победата ќе придонесе за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.

„Верувам дека на должноста 45 претседател на САД ќе пристапите со посветеноста и одлучноста кои ја одликуваа вашата извонредна кампања. Лидерството, кое го покажавте во таа прилика, претставува силна волја која е неопходна не само на граѓаните на САД, туку и на целиот свет“ наведува Вучиќ.