Спасов: Жртва сум на криминално полициска местенка

Дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов во интервју за ТВ Нова денеска изјави дека бил жртва на смислено сценарио со цел да му се наштети на личниот интегритет. Според него, инцидентот во кој учествуваше бил криминално полициска местенка и обид на опозицијата да му наштети преку злоупотреба на институциите за остварување на политички цели.

Според него, тој бегал од група напаѓачи кои го следеле кога се судрил со друго возило, за кое порача дека ќе ја надомести штетата. Со тие што го следеле, како што истакна Спасов се обидел да разговара, но бил турнат и потоа му се заканувале и со огнено оружје, односно пиштол. Во меѓувреме, дошло едно полициско возило и како што изјави Спасов се собрала голема толпа на луѓе и во таа тензична атмосфера тој решил да го напушти местото на настанот. Кој и зошто го наместил, како што тврди Спасов, треба да истражат органите, бидејќи имало пропуст во постапките. На крајот тој порача и дека службеното возило на Агенцијата за вработување го користел врз основа на договор за соработка, бидејќи Министерството за труд и социјална политика не му обезбедило службено возило.

МВР соопшти дека Спасов во петокот вечера предизвикал две сообраќајни несреќи и дека откако бил сопрен од полициска патрола и додека полицијата разговарала со неговата сопатничка тој побегнал.