Ериксон потврди дека СЈО побарало асистенција

Од компанијата Ериксон денеска потврдија дека на 19 октомври добиле барање од Специјалното Јавно Обвинителство по судска наредба од Основниот суд Скопје 1 во Скопје, за техничка асистенција заради истрага и во врска со функционалноста на Законското Пресретнување на комуникации. За понатамошни информации поврзани со оваа истрага, како што наведуваат во соопштението, упатуваат на Специјалното Јавно Обвинителство за овој случај. Од Ериксон потенцираат и дека не се сопственици на опремата, ниту оперираат со опремата за Законско Пресретнување на комуникациите.

„Законското пресретнување на комуникации е задолжителна и стандардна функционалност во мрежите на јавната телефонија и телеком операторите и земјите во светот се обврзани да овозможат таква функционалност за локалните власти. Ериксон, како производител на телефонски системи и опрема, исто така, е производител на Системи за Законско Пресретнување„ се вели во соопштението.

Директорот на УБК пред неколку дена побара од СЈО дозвола од фирмата производител на опремата за да му овозможи на обвинителството пристап до уредите за прислушување.