Ресоцијализација на повратниците за превенција на насилниот екстремизам

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.

Од исклучителна важност за Република Македонија како мултиеничко општество е да бидеме подготвени да одговориме на каков било екстремизам и насилен екстремизам, што претставува сериозен предизвик, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој истакна дека многу е важно како и на кој начин да се превенира пред се луѓето да не се радикализираат и да не се упатуваат во државите - воените жаришта и како да се ресоцијализираат оние граѓани кои се повратници од боиштата од Авганистан, Сирија или Ирак.

„Постои сериозна опасност и од лицата кои се вратени од боиштата и затоа напоменуваме дека е потребна таа ресоцијализација. Мора државата да работи напорно за да создава механизми како да не дојде до радикализација, а истовремено да се работи на тоа оние лица кои биле од различни причини на боиштата во Авганистан, Ирак, во Сирија, да се ресоцијализираат, изјави Спасовски.

Тој присуствуваше на денешната промоција на истражувањето „Напорите на Република Македонија во спротивставувањето на насилниот екстремизам, поглед на граѓанското општество“ од страна на Аналитика тинк тенк во периодот од септември 2015 до септември 2016 година, со поддршка од Амбасадата на САД во земјава.

Американскиот амбасадор Џес Бејли потенцираше дека прашањето за насилниот екстремизам е феномен со кој се соочуваат многу земји се осврна на изјавата на државниот секретар Џон Кери во која тој посочува дека прашањето за насилниот екстремизам не почнува на военото поле, туку во соседството, домовите, училниците, на работното место.

„Многу е важно да се разбере причината која ги води младите луѓе во радикализација и да се пронајдат начини за ефективна превенција, изјави Бејли.