СДСМ поднесе иницијатива за итно распуштање на Собранието

Опозициската коалиција предводена од СДСМ денеска до Собранието поднесе иницијатива за итно распуштање на Парламентот. На иницијативата е потпишана целата пратеничка група на СДСМ и нивните коалициони партнери, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски. Тој нагласи дека секој обид за одлагање на распуштање на Собранието ќе биде доказ дека владејачката коалиција не сака избори на 11 декември.

Слична иницијатива поднесе и Демократскиот сојуз.

Претходно денеска, владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повика СДСМ да достави предлог за распуштање на парламентот.

„Поттикнати од вчерашниот собир во организација на СДСМ/Сорос, од нивната празна реторика која ја слушаме десет години наназад, како и од желбата на огромното мнозинство на граѓани кризата наметната од СДСМ да заврши и да се стави крај на политичкото заложништво, конфликтите и деструктивноста, го повикуваме СДСМ уште денеска да достави барање до Собранието на Република Македонија за негово распуштање. Доколку СДСМ собере храброст, го повикуваме Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски да ја стави таа точка на дневен ред за да биде разгледана и усвоена“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.