На власта ѝ се брза со Буџетот

Министерот за финансии Кирил Миноски на Седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Буџетот за следната година пратениците на пленарна седница ќе го разгледуваат в понеделник, ако дотогаш не биде распуштен Парламентот.

Пратениците в понеделник на пленарна седница ќе го разгледуваат предлог Буџетот за 2017 година. Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска ја закажа седницата откако Владата го достави предлогот кој и беше вратен на разгледување по амандмантската расправа. Во Комисиската расправа пратениците од мнозинството не прифатија ниту еден амандман предложен од опозицијата.

За економските аналитичари ваквото еднострано носење на буџет е несоодветно и тоа догодина ќе нанесе последици врз и онака кревката македонска економија. Приватниот сектор со години се жали дека не се земаат в предвид нивните забелешки за составување на развоен буџет. Брзањето да се донесе буџет кој по својата суштинска структура е социјален, а не развоен, како што се прикажува, остава впечаток дека се прави со цел собирање на политички поени во предизборието, вели извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија Фатмир Битичи.

„Носењето на Буџетот ќе и отвори можност на техничката влада без разлика дали ќе има избори во декември или не, следната година да ја започнат со одобрен буџет и некои од нивните проекти, особено од аспект на социјалната криза и од аспект на социјалните мерки, да ги искористат како мерки кои ќе им донесат политички поени и сметаме дека таков чекор не е адекватен од страна на Владата“, изјави Битичи.

Според предлог - Буџетот за 2017 година, следната влада догодина ќе потроши 2,9 милијарди евра за плати на јавната администрација, пензии, субвенции, други социјални трансфери, стоки и услуги, додека пак, за инвестиции во патната, железничката, енергетската, комуналната инфраструктура – планирани се 438 милиони евра. Тоа значи дека речиси 90 проценти од народните пари ќе се трошат за тековни трошоци, додека за останати трошоци, односно за инвестиции се планирани само 13 проценти.

Битичи вели дека проблемот во овој предлог - Буџет е во што забораваме дека следната година не очекуваат уште еден изборен циклус.

„Ние сите сме насочени кон парламентарните избори но забораваме дека следната година не очекуваат локални избори. И, за жал, носењето на социјален буџет сметаме дека оваа техничка намерно го има направено за да се искористи за политички цели наместо за развојни цели“, објаснува Битичи.

Тој додава дека кога техничката влада планира следната година народните пари да се трошат исклучиво во доменот на социјалата и на непродуктивни проекти, тогаш не може да се очекува дека ќе има позитивно влијание врз економијата кога дава знаци на регрес, а не само на стагнација.