Конзервативни весници во САД ја поддржаа Клинтон

Некои од главните конзервативни весници во САД неделава ја поддржаа кандидатката за претседател на САД од редовите на демократите Хилари Клинтон во трката со републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

Неколку весници кои со декади им беа лојални на републиканците неочекувано ги поддржаа демократите. Еден од весниците на своите читатели им порача дека Трамп преставува “јасна и присутна опасност за нашата земја” поради неговите лошо информирани погледи на светот, додека други предупредуваат на неговата ксенофобија и расизам кои се под нивното национално достоинство.

Традиционално републиканските Далас Морнинг Њус, Синсинати Енквајер , Аризона Репаблик и Сан Диего Унион изразија поддршка за Хилари. УСА Тудеј, еден од најчитаните весници во САД, ја заврши својата определба да не зазема страна во претседателската трка и објави предупредување до читателите дека Трамп е “опасен демагог” на кој му недостигаат “темперамент, знаење, постојаност и чесност” потребни за претседател.

Трамп на ова одговори преку социјалната мрежа Твитер пишувајќи дека луѓето биле паметни што ги откажале претплатите за весниците Далас и Аризона а дека сега и УСА Тудеј ќе се соочеле со губење читатели.