Последните напади врз СЈО

Опструкциите кои го следат СЈО уште од неговото формирање само ја зацврстуваат вербата на ова обвинителство дека треба да си ја завршат работата за која се формирани, односно да се изборат со криминалот.

Ова е последниот атак кој се прави кон Специјалното јавно обвинителство за да се сокрие одговорноста која е утврдена од прислушуваните материјали и да се дискредитира обвинителството како орган којшто е непотребен, како и да се дискредитира личноста на обвинителката Катица Јанева, вели поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски. Тој посочува дека јавноста која е критички настроена и која е објективна во расудувањето ги прочита ваквите напади.

„Јавноста веќе е свесна дека мора да има промени, а промените ќе почнат и ќе завршат со работата на Специјално јавно обвинителство. Мислам и дека повторното појавување на Шарената револуција покажа дека јавноста не заборава и дека очекува она што практично значи назадување на Македонија да престане и да одиме кон еден нормален пат со една полна доверба кон работата на институциите, кои се основани за да ги заштитат правата, слободите, имотот на граѓаните“, вели тој.

Опструкциите и сопките насочени кон Специјалното јавно обвинителство, не се ништо ново и тие го следат ова Обвинителство уште од формирањето пред една година, вели Трпеновски.

„Но, јас мислам дека ова нема да се одрази врз работата на Специјалното јавно обвинителство, туку напротив, ќе се зацврсти вербата дека треба да бидат и понатаму истрајни за да можат да си ја остварат функцијата за којашто се избрани“, вели Трпеновски.

Сопките што му се прават на Специјалното јавно обвинителство и на обвинителката Катица Јанева се толку дрски, што е потребна храброст да можат да се издржат, вели поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.

„Да се надеваме дека со оглед на местото и улогата што ја има, со оглед на позицијата што ја доби од меѓународната заедница и од граѓанството во Македонија и од политичките партии дека на сите притисоци ќе издржи и дека покрај сите оркестрирани опструкции во крајна линија ќе се согледа дека нема друг излез и дека излезот е единствено во судирот со криминалот, оти овие опструкции не се само опструкции на Катица Јанева, туку тоа е борба меѓу злото и доброто, тоа е борба меѓу криминалот и правдата“, вели Ивановски.

Нападите и однесувањето на владејачкото мнозинство и дел од медиумите врз СЈО и специјалната обвинителка Катица Јанева, беа повод и за вчерашниот собир на Шарената револуција. Демонстрантите пред Собранието изразија поддршка за обвинителството. Тие порачаа пратениците да го почитуваат потписот на нивните лидери и да го остават на мир Специјалното јавно обвинителство да си ја врши својата работа.

Наместо да водат јалови дебати треба да ги изгласаат законите што ги бара Специјалното јавно обвинителство, нешто што пратениците го правеле многупати досега, рече вчера во својот говор за време на Шарената револуција, адвокатот Звонко Давидовиќ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Шарена револуција пред Собрание

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, неодамна изјави дека нема да ги поддржат трите барања на Јанева. Таа бара измена на законите за заштита на сведоци и приватноста, почитување на препораките на Венецијанската комисија, како и продолжување на рокот за работа на СЈО. Но, Груевски вели дека на Јанева и е обезбедено сè што е потребно и дека нема потреба од други закони.

Институција како СЈО беше неопходна, вели Ивановски, кој се надева дека Обвинителството ќе опстои.

„И покрај кратките рокови, да се надеваме дека тие ќе се продолжат, ако не во овој состав на Собранието, тогаш во еден нареден, со тоа што ќе се создадат претпоставки и услови сите овие криминали направени од сите овие високи владини кругови да очекуваме дека тие ќе си ја добијат заслужената казна“, вели Ивановски.