Вработените од МЗТ Леарница на протест пред Собрание и Влада

Илустрација.

Вработените од МЗТ Леарница денеска протестираа пред Собранието и пред Владата барајќи да се исполнат нивните барања за исплата на заостанатите плати и придонеси.

Претседателот на синдикалната организација Љупчо Чекаловиќ изјави дека ќе протестираат секојдневно се до исполнување на нивните барања.

„Некои немаат земено плата цела година, некои пет-шест плати. Немаме платено придонеси цела година. Воопшто не се почитува законот, а условите за работа се лоши. Станува збор за околу 180 работници“, рече Чекаловиќ.

Тој додаде дека денеска оствариле средба со претставници на Владата кои им кажале дека од нивна страна е сторено сè и оти се ангажирани надлежните институции.

Вработените од МЗТ Леарница протестираат од 11 август.