Ѓулен бара меѓународна истрага за турскиот пуч

Исламскиот проповедник Фетула Ѓулен денеска побара спроведување на меѓународна истрага за обидот на воен преврат во Турција, кој се случи на 15 јули.

Ѓулен најави и дека е подготвен самиот да се врати во Турција и да им се предаде на властите, доколу бидат докажани барем една десетина од обвинувањата што против него ги изнесува Анкара, која тврди дека тој е организатор на обидот за воен удар.

Турција бара САД да и го екстрадираат Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен егзил во американската сојузна држава Пенсилванија, но Вашингтон нагласи дека ќе се согласи на екстрадиција само ако добие недвосмислени докази дека проповедникот е поврзан со обидот за преврат.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера им постави ултиматум на САД да изберат меѓу Турција и Ѓулен.

Судот во Адана денеска нареди да се конфискуваат сиот имот и сметки на Ѓулен во Турција.